Шведска активно придонесува кон развојот на функционален регионален систем за управување со отпад во земјата

Воспоставувањето на нов, современ систем за управување со отпад е процес што активно се одвива во Пелагонискиот и Југозападниот регион, со поддршка од Шведска преку проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, кој го спроведува SALAR International. Благодарение на оваа соработка, Прилеп е град - пример за значаен и видлив напредок во оваа област, со континуирани вложувања во инфраструктурата, модернизација на возниот парк и опремата на јавните комунални претпријатија, како и зајакнување на нивните оперативни капацитети.
Досегашните резултати од соработката и шведската поддршка беа во фокусот на работната посета на шведскиот амбасадор Ола Сулстром на Прилеп, каде заедно со заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска и Емил Ангелов од SALAR International беа пречекани од градоначалникот на Прилеп, г. Дејан Проданоски. При посетата беа разгледани дел од инфраструктурните подобрувања кои придонесуваат кон воспоставување посовремен систем за селекција, собирање и третман на отпадот.
Меѓу нив се општинскиот објект за селекција на отпад и новото собирно место за текстилен и електронски отпад. Овие капацитети овозможуваат подобра организација на селекцијата и собирањето на различни видови отпад. Во оваа насока, следен важен чекор за Прилеп е обезбедувањето поддршка за целосно завршување на секундарната постројка за селекција, со што ќе овозможи понатамошна обработка на селектираните материјали и поголемо искористување на ресурсите.
Сепак, како што беше констатирано за време на посетата, инфраструктурата и опремата се само дел од решението. За комуналните услуги да функционираат ефикасно и долгорочно, потребни се и добро организирани јавни комунални претпријатија, стручни кадри и капацитети за планирање и управување. Токму затоа, преку проектот финансиран од Шведска, SALAR International обезбедува стручна поддршка за општините и јавните комунални претпријатија, поттикнува размена на искуства и придонесува кон примената на модерни шведски практики. Целта е локалните институции да ги зајакнат своите капацитети и на долг рок да обезбедат подобри и поодржливи услуги за граѓаните.
Подобрувањата на локално ниво, како овие во Прилеп, се важен дел од поширокиот процес на воспоставување на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО), препознаен како долгорочно решение кое што треба да овозможи поефикасно и интегрирано управување со отпадот во регионот и во земјата. Во оваа насока, посетата на шведскиот амбасадор беше можност и да се истакнат постигнатите резултати, но и да се нагласи значењето на континуираната поддршка на Шведска за развој на овој функционален регионален систем за управување со отпад, во рамки на пошироката поддршка за развојни проекти во земјата.